На 9 декември 2000 година беше отворена првата аптека од денешниот синџир на аптеки на ЕУРОФАРМ… Што беше клучно да се развие ова приказна до успешните 123 аптеки низ државата?
Кога се навраќам 25 години наназад, прво нешто што се сеќавам е ентузијазмот – онаа искрена желба да се создаде нешто вредно, корисно и трајно. Мојата љубов кон фармацијата беше секогаш непоколеблива и тоа ми даде храброст да започнам бизнис, додека се поддржував од мојот сопруг и семејството.
Уште во раните студентски денови со Зоран имавме желба и ентузијазам да започнеме заедничка приказна во фармацијата и заеднички одлучивме да направиме нешто што подоцна ќе стане наш животен проект – Еурофарм. Успешни е градби сме што создаваме модерни аптеки со отворен пристап без бариери помеѓу фармацевтот и пациентот, како и тим со кој ги реализираме нашите соништа.
Еурофарм е ексклузивен застапник на светски фармацевтски и козметички брендови… Што беше најкарактеристично за развивање на овие партнерства?
Секое партнерство со глобален бренд за нас е потврда дека и наш пазар може да понуди голема вредност – ако е професионално структурирано. Од почетокот наш цели не беше квантитетот, туку репутацијата. Ги избравме партнерите внимателно, со стриктни критериуми: висок квалитет, иновација и грижа за крајниот потрошувач. Понекогаш тоа бараше трпение, но создадовме сериозен, стабилен и транспарентен партнер што го познава локалниот пазар, а за нас – тоа беше можност да им овозможиме на македонските пациенти пристап до најдоброто што го нуди светот.
Еурофарм доби Национална награда за општествена одговорност. Кои вложувања лично Вам Ви се најдраги и зошто?
Секоја општествено одговорна иницијатива носи посебно задоволство, но најдраги ми се оние што оставаат траен белег. Низ годините нашата компанија е верен поддржувач на бројни едукативни и спортски настани, како и директен поддржувач на културни иницијативи. Особено сме горди и на вложувањата на проектот во Битола – хотел Монтанга, кој е вистински пример за тоа како еден објект може да се врати назад – кон заедницата.
Што беше пресудно за партнерството со РК Еурофарм Пелистер?
Клубот е дел од идентитетот на Битола, но и ракометот како спорт е дел од нашата семејна приказна. Соработката произлезе од искрената љубов кон овој спорт и од желбата да ги поддржиме младоста, тимскиот дух и упорноста. Пресудно беше тоа што и во ракометот и во бизнисот делиме исти вредности: дисциплина, стратегија и срце! За нас ова партнерство е инвестиција во нашиот спорт и нашите млади таленти.
Како гледате на новитетите воведени за време на пандемијата?
Пандемијата, меѓу другото, беше и тест кој нè научи на адаптабилност и нови вештини. Мораше брзо да воведеме дигитални процеси, онлајн советување и засилен протокол за комуникација со пациентите. Сфативме колку е важно фармацевтот да биде достапен, емпатичен и подготвен. Денес многу од тие новитети – како онлајн советувањето и подобрата логистика – станаа наш стандард. Пандемијата ни покажа дека кризата може да биде и катализатор за позитивна трансформација.
Која е тајната да се создаде и задржи успешен тим?
Тајната е едноставна, но бара постојана работа – почит, доверба и посветеност. Во Еурофарм никогаш не сме гледале на работата само како обврска, туку како можност за создавање заеднички вредности. Кога луѓето се чувствуваат почитувано и разбрано, тие се посветени, мотивирани и одговорни.
На што најмногу се гордеете по 25 години раст и развој?
На луѓето. На тимот што стои зад сѐ што е Еурофарм. На довербата на пациентите, кои веќе 25 години ни го даваат своето највредно нешто – своето здравје. И на тоа што успеавме да создадеме бренд што не е само деловен успех, туку и човечка приказна. Ако Еурофарм во некогаш внел сигурност, поддршка или надеж – тогаш целта е постигната.
Вие сте жена лидер во индустрија што традиционално се поврзува со строги регулативи и системи. Со какви предизвици се соочивте како жена претприемач и како ги надминавте?
Обемот на работа во претприемништвото, особено во фармацијата, често бара голема дисциплина, стручност и трпение. Но верувам дека жените имаат природна способност за емоција, интуиција и организација – вредности што се исклучително важни во овој сектор. Наместо да се обидувам да „докажам“ нешто, одлучив да оставам резултатите да зборуваат. Денес, кога гледам дека 80% од менаџерскиот тим во Еурофарм се жени, чувствувам гордост што сме создадено средина во која компетентноста е поважна од полот.
Како гледате на иднината на фармацијата и на улогата на Македонија во неа во следните години?
Иднината ќе биде технологија во служба на здравјето и превенцијата. Верувам дека иднината ќе им припаѓа на компаниите што ќе умеат да ги интегрираат технологијата и човечноста. Еурофарм ќе продолжи активно да инвестира во обука, едукација на фармацевтите и во опција за дигитално советување. Ако Македонија успее да биде брза во адаптацијата и искористувањето на европските програми, ќе може да стане регионален пример за современа фармација.
Кога и во што најмногу верувате?
Верувам во работата, посветеноста и искрените намери. Верувам дека успехот не доаѓа преку ноќ, туку со знаење, чест, работа и истрајност. Сите овие години се активен дел од компанијата и тоа е најдобрата потврда дека Еурофарм иман „лика и личност“. Најголема сатисфакција за мене е кога ќе видам дека компанијата продолжува, расте и дека новите генерации ја негуваат истата посветеност.
Кога ќе оставите зад себе деловни ангажмани, што посакувате да паметат и испочитуваат за Вас?
Најпрво, дека секогаш бев фер. Дека тоа што го правев беше со срце и со верба дека ќе донесе добро. И дека се борев да создадам компанија што ќе значи сигурност за пациентите и можност за развој за вработените. Ако по 25 години некој каже „Еурофарм направи разлика во нашиот сектор“, тогаш знам дека вредеше.
Пишете ни